Марш за чист воздух – Зелена револуција

Марш за чист воздух – Зелена револуција

Триесет здруженија и активистички групи од цела Македонија застанаа зад барањата собрани во т.н. „Зелена книга“ кои се повод за Маршот за чист воздух – Зелена револуција што ќе се одржи денес, 29.11.2019 г., а ќе почне во 17 ч. пред Министерството за животна средина и пред Влада ќе биде во 18 ч.

Ние, активистите, бараме исполнување на барањата кои се плод на долгогодишна граѓанска активност и иницијативи за подобрување и решавање на многубројните проблеми со загадување и уништување на просторот во кој живееме во нашата земја.

Барањата се остварливи, конкретни, со рокови и одбрани после темелна анализа, затоа очекуваме посветеност и сериозно внимание за секое од нив. Несфатлива е инертност кога се во прашање 3.500 животи на наши сограѓани секоја година и пораст на тешки канцерогени заболувања.

Затоа БАРАМЕ ИСПОЛНУВАЊЕ на сите точки за активниот граѓански сектор да не биде принуден револтот да го подигне на друго ниво и да премине во граѓанска непослушност и повик за бојкот на претстојните избори, затоа што е премината секоја граница на толеранција по долгогодишни институционални борби.

Конкретни барања на Е.Д.Е.Н., заедно со Анима мунди и Шепасти ентузијасти се следниве:

1. Да се спроведе постепена редукција до целосно повлекување на владините субвенции за индустриско сточарство. Одгледувањето со последователна експлоатација на животни, особено индустриското производство, се еден од главните предизвикувачи на глобалното затоплување/климатските промени преку загадување на воздухот, водите, почвата. Рок: веднаш/2021 г.

2. Владата на РМ целосно да се ориентира кон планирање и производство исклучиво на соларна електрична енергија, а да се откаже од (мали) хидроцентрали и ветерници кои имаат докажано огромно негативно влијание врз животните, животната средина, биолошката разновидност, како и животот и здравјето на луѓето. Рок: веднаш/2030 г.

3. Владата на РМ целосно да се посвети и итно да започне со реализација на Целите за одржлив развој на ОН од Агендата 2030 за одржлив развој. Рок: веднаш/2030 г.

4. Да се утврди уставноста на сите важечки плански И СТРАТЕШКИ документи во однос на здравата животна средина како гарантирано право на секој граѓанин и да се пристапи кон итна измена и усогласување со Уставот на РМ на оние документи каде што ќе се утврди неуставност. Рок: март 2020 г.

5. Да се усогласи сета легислатива (примарна и секундарна) од области кои може да имаат негативни ефекти врз животната средина/природата (на пример, просторно планирање, енергетика, шумарство, транспорт, земјоделство, здравство), со принципите и начелата за одржлив развој. Рок: веднаш/јуни 2020 г.

6. Да се обезбеди веб-страница каде што граѓаните ќе имаат постојан и непречен пристап до консолидирани и ажурирани верзии на сета легислатива (примарна и секундарна) која има допирни точки со животната средина/природата, со посебен акцент на легислативата од области кои може да имаат негативни ефекти врз животната средина/природата. Рок: март 2020 г.

7. Да се воведе едукација за одржлив развој со акцент на глобално затоплување/климатски промени во сите степени на образование. Рок: веднаш/крај на 2020 г.

8. Да се инсталираат и соодветно да се одржуваат фотоволтаични системи на сите објекти во сопственост на државата/општините/Град Скопје. Рок: веднаш/2025 г.

9. Да се постават и соодветно да се одржуваат енергетски-ефикасни фасади на сите објекти во сопственост на државата/општините/Град Скопје. Рок: веднаш/2025 г.

10. Да им се наметне обврска да постават фотоволтаични системи и енергетски-ефикасни фасади на сите индустриски капацитети во земјата. Рок: декември 2019 г.

11. Да им се наметне обврска на проектантските и градежните компании да проектираат/градат градби исклучиво со енергетски ефикасни-фасади и фотоволтаични системи. Рок: декември 2019 г.

Маршот е граѓански, мирен, натпартиски, мултикултурен. Се оградуваме од секакви политички влијанија, секој е добредојден, но без партиски обележја. Оваa заедничка платформа е само почеток и е производ на сите облици на граѓански активизам од годините наназад, поединечен или организиран, сплотен со младешката енергија на оние за кои ова го бараме, за нашата иднина!

Здружени граѓански организации и иницијативи: Fridays For Future Skopje, O2 Иницијатива, Не Биди Ѓубре, Скопје Смог Аларм, Мој Воздух, Движење за чист воздух, Го Сакам Водно, Билка, Levizja Nena dhe Femija / Движење Мајкa и Дете, Битола сака чист воздух, Eco Guerilla, Група граѓани од Визбегово, Скопје бара чист воздух, Здрава Котлина, Еко Долина, Младите од Иловица и Штука, Е.Д.Е.Н., Охрид SOS, Struganët për Strugën / Стружани за Струга, Шепасти ентузијасти, Дејзи Фемили

Иницијативи кои ги поддржуваат барањата, но не и бојкотот на избори и граѓанска непослушност: ЕкоКарпош 3,2,1, Ние сме Карпош 4, Плоштад Слобода, Здравје пред профит во Центар, Shoqata ekologjike GvEko / Еколошко здружение ГвЕко / Ekoloji dernegi GvEko, Анима Мунди, Young Friends of the Earth Macedonia, Екоскоп