Проект „Избери страна“

Изминатите години, охридско–преспанскиот регион стана предмет за интезивни инвестициски планови кои иницираа неколку предлог-проекти. Сите проекти ги засегаа подрачјата на Националниот парк Галичица, Охрид и Охридското Езеро како Светско природно и културно наследство на УНЕСКО и Прекуграничниот биосферен резерват на УНЕСКО кој се протега на планината Галичица. Најголем дел од проектите како што се експресен пат, ски центар на Галичица со две туристички населби и пет туристички развојни зони се во рамките на НП Галичица и ги засегаат крајбрежјата на Охридското и Преспанското Езеро. Како резултат на овие проекти произлезе и потребата од предлог–измени за Планот за управување со Националниот парк Галичица 2011-2020 што требаше да овозможат реализација на инфраструктурните проекти кои според постоечката регулатива беа недозволени во националниот парк. Дополнително, надвор од Паркот, беа планирани и многу други проекти, како што се: урбанизација на Студенчишкото Блато, последниот зачуван блатен екосистем на македонската страна од охридското крајбрежје; изградба на марина; конгресен центар во Далјан; ТРЗ Калишта; неколку вештачки медитерански плажи; патека околу целото градско крајбрежје во Охрид со 3 м навлегување во езерото; мала марина кај т.н. старо пристаниште итн. Напоредно со овие се и плановите за изградба на железница од Кичево до Лин (Албанија) која во дел би се движела по самото крајбрежје и автопат Требеништа – Струга – албанска граница, и двата дел од Коридорот VIII.

Обемот на овие проекти би значело урбанизација на охридското крајбрежје од масовни размери која недвосмислено би имала негативни последици врз природното наследство на регионот и идиниот потенцијал за развој на туризмот. Како последица на тоа, Комитетот на светско наследство на 40та Седница во Истанбул упати серизни забелешки во однос на предложените проекти и предупреди дека нивната реализација би го ставила Охрид и Езерото на листата на Светско наследство во опасност. Поради тоа во април, 2017 во Македонија допатува и комисија на УНЕСКО во реактивна мисија, а на 41та Седница која се одржа во Краков во јуни 2017 беа повторени забелешките од претходната година и беа дадени јасни насоки за делување доколку Македонија сака да ја зачува исклучителната универзалната вредност (ИУВ) на доброто и статусот на УНЕСКО.

Во вакви услови, на почетокот на 2017 во рамки на проектот насловен „Избери страна“ организиравме неколку активности со цел испитување на јавното мислње, нивната информираност за планираните инфраструктурни проекти и воопшто познавањето на регионот, како и мислењето на носителите на одлуки и состојбата на институциите. Во проектот беа вклучени сите засегнати чинители: граѓани, организации од граѓанскиот сектор и надлежни институции.

Анкета на засегнати чинители

Во однос на предложените инфраструктурни проекти за охридско-преспанскиот регион, во март и април 2017 беа спроведени и три поединечни анкети со засегнатите страни кои беа дистрибуирани преку интернет и директно. Целта на анкетата беше да се добие што поверодостојно сознание за знаењето на локалните жители за природните вредности на регионот, планираните проекти како и упатеноста на локалните организации во истите, нивниот ангажман во областа на животната средина, соработка со институциите и инволвираноста на граѓаните, ставот на институциите во однос на насоките на планиран разбој, предвидените проекти, условите за работа, законодавството, заштитата на регионот итн. По извршената анализа на резултатите, наодите беа презентирани на завршна средба со сите чинители во април, 2017.

„Избери страна“ завршна презентација

Исто така, резултатите од анкетите беа сликовито претставени во инфографици и испечатени на садливи картички на македонски и англиски јазик. Истите беа дистрибуирани на завршниот настан, преку социјалните мрежи, но и на други настани организирани од Е.Д.Е.Н.

 

Дополнително беа изработени и други инфографици кои беа споделни со членовите на Реактивната мониторинг мисија на УНЕСКО.

Косултативни средби

Во текот на спроведувањето на анкетата беа организирани и три консултативни средби со сите засегнати страни поединечно и тоа: граѓани, организации од граѓанскиот сектор и надлежни институции на кои се дискутираше за планираните проекти, познавањата за истите, а присутните можеа да ги споделат своите мислење и да посочат на проблемите со кои се соочуваат во работењето, институционални проблеми, потребите и насоките за унапредување итн.

Доколку би сакале да ги користите овие материјали, ве молиме обратете ни се преку нашата електронска адреса ede.org.mk@gmail.com