Анализи на влијанијата на инфраструктурните проекти врз охридскиот регион

Социо-економска анализа на планираните проекти за охридскиот регион и можности за одржлив развој

Овој труд прави анализа на многуте предложени инфраструктурни проекти за охридскиот регион во контекст на постоечкиот степен на развој, економска состојба, демографската слика, тенденциите на урбанизација и потенцијалот за развој на регионот. Истата се осврнува на економските аргументи за атрактивноста на проектите и прави анализа на издржаноста на истите со осврт врз постоечките туристички практики и ја дискутира нивната економската издржаност. Анализата вклучува многу важни, а до сега сосема занемарени чинители како што се климатските промени, екосистемските услуги и др. кои битно ја доведуваат во прашање успешноста на проектите. Овој труд претставува прво истражување кое се занимава со анализа на ефектите од развојните проекти што е најважно од аспект на кумулативните економски трошоци кои би се генерирале со загуба на природните богатства како фактори за развој на туризмот со највисок потенцијал. Дополнително, анализата дава насоки за развој на еколошки одговорен туризам и се обидува да екстраполира рамка за интергративен приод кон одржливо стратешко планирање на регионалниот развој.

ОСВРТ ВРЗ ПЛАНИРАНИТЕ ПРОЕКТИ ЗА ОХРИДСКИОТ РЕГИОН И МОЖНОСТИ ЗА ОДРЖЛИВ РАЗВОЈ

Охридско-преспанскиот регион на крстопат помеѓу синилото и сивилото

Оваа анализа го разработува влијанието на планираните инфраструктурни проекти врз биолошката реазновидност на регионот. Охридско – преспанскиот регион се карактеризира со исклучителни природни атрибути, планината Галичица е дом на над 5000 видови што ја прави една од најбиодиверзитетните планини во Европа, а само во Охридското Езеро живеат над 200 ендемити, а Езерото има најголема биолошка разновидност по површина во целиот свет. Дополнително, проектите предвидуваа уништување на Студенчишкото Блато кое е неопходен дел од водниот екосистем на Езерото и самото придонесува кон биолошката разновидност. Опфатот на планираните проекти ќе предизвика значително негативно влијание особено со оглед на веќе постоечкиот силен антропоген притисок изразен преку неконтролирана и непланска урбанизација, зголемена населеност, несоодветен третман на отпадните води и комуналниот отпад, како и притисок предизвикан од масовниот туризам. Планирањето во регионот сосема ги занемарува природните капацитети иако истите се нашироко користени при туристичката промоција на регионот. Поради тоа неопходно е да се воспостави пристап кој ќе осигури дека заштитата на природното богатство ќе оди рака под рака со развојот на регионот.

АНАЛИЗА НА ВЛИЈАНИЕТО ОД ПЛАНИРАНИТЕ ИНФРАСТРУКТУРНИ ПРОЕКТИ ВРЗ БИОДИВЕРЗИТЕТОТ ВО ОХРИДСКО – ПРЕСПАНСКИОТ РЕГИОН

Анализа на правната рамка за заштита на НП Галичица

Оваа анализа прави преглед на легислативата и на институционалната поставеност во функција на заштитата на Националниот парк Галичица и ги идентификува проблемите во доменот на заштитата. Република Македонија во насока на приближување кон европската Унија има воспоставено силна правна рамка, има ратификувано многу меѓународни конвенции во доменот на заштитата на природното богатство, а постои и дополнителна регулатива на ниво на охридскиот регион како културно и природно наслество на УНЕСКО. Сепак недоволниот капацитет на институциите, нетранспарентно работење, отсуство на примена на легислативата и нефункционални контролни механизами се проблемите што резултираат во практики кои не ретко се во директен конфликт со регулативата. Како последица на тоа, подрачјето на НП Галичица е недоволно заштитено, а последните предлог-измени на планот за управување со Паркот се во спротивност принципите на одржлив развој.

АНАЛИЗА НА ПРАВНАТА РАМКА ЗА ЗАШТИТА НА НП ГАЛИЧИЦА

Социо-економската анализа и анализата за влијанијата врз билошката разновидност беа изработени во рамки на проектот „Избери страна“ што Здружението за заштита на животните и животната средина Е.Д.Е.Н. го спроведе со финансиска поддршка на Global Green Grants Fund.

Правната анализа беше изработена во рамки на проектот „ИПА2 Механизам за граѓанските организации“ што  Здружението за заштита на животните и животната средина Е.Д.Е.Н. го спроведе со финансиска поддршка од Европската Унија, ИПА програмата за граѓанско општество и медиуми.

Анализите во никој случај не ги одразуваат гледиштата и ставовите на Global Green Grants Fund и Европската Унија.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *