Марш за чист воздух – Зелена револуција

Триесет здруженија и активистички групи од цела Македонија застанаа зад барањата собрани во т.н. „Зелена книга“ кои се повод за Маршот за чист воздух – Зелена револуција што ќе се одржи денес, 29.11.2019 г., а ќе почне во 17 ч. пред Министерството за животна средина и пред Влада ќе биде во 18 ч.

Ние, активистите, бараме исполнување на барањата кои се плод на долгогодишна граѓанска активност и иницијативи за подобрување и решавање на многубројните проблеми со загадување и уништување на просторот во кој живееме во нашата земја.

Барањата се остварливи, конкретни, со рокови и одбрани после темелна анализа, затоа очекуваме посветеност и сериозно внимание за секое од нив. Несфатлива е инертност кога се во прашање 3.500 животи на наши сограѓани секоја година и пораст на тешки канцерогени заболувања.

Затоа БАРАМЕ ИСПОЛНУВАЊЕ на сите точки за активниот граѓански сектор да не биде принуден револтот да го подигне на друго ниво и да премине во граѓанска непослушност и повик за бојкот на претстојните избори, затоа што е премината секоја граница на толеранција по долгогодишни институционални борби.

Конкретни барања на Е.Д.Е.Н., заедно со Анима мунди и Шепасти ентузијасти се следниве:

1. Да се спроведе постепена редукција до целосно повлекување на владините субвенции за индустриско сточарство. Одгледувањето со последователна експлоатација на животни, особено индустриското производство, се еден од главните предизвикувачи на глобалното затоплување/климатските промени преку загадување на воздухот, водите, почвата. Рок: веднаш/2021 г.

2. Владата на РМ целосно да се ориентира кон планирање и производство исклучиво на соларна електрична енергија, а да се откаже од (мали) хидроцентрали и ветерници кои имаат докажано огромно негативно влијание врз животните, животната средина, биолошката разновидност, како и животот и здравјето на луѓето. Рок: веднаш/2030 г.

3. Владата на РМ целосно да се посвети и итно да започне со реализација на Целите за одржлив развој на ОН од Агендата 2030 за одржлив развој. Рок: веднаш/2030 г.

4. Да се утврди уставноста на сите важечки плански И СТРАТЕШКИ документи во однос на здравата животна средина како гарантирано право на секој граѓанин и да се пристапи кон итна измена и усогласување со Уставот на РМ на оние документи каде што ќе се утврди неуставност. Рок: март 2020 г.

5. Да се усогласи сета легислатива (примарна и секундарна) од области кои може да имаат негативни ефекти врз животната средина/природата (на пример, просторно планирање, енергетика, шумарство, транспорт, земјоделство, здравство), со принципите и начелата за одржлив развој. Рок: веднаш/јуни 2020 г.

6. Да се обезбеди веб-страница каде што граѓаните ќе имаат постојан и непречен пристап до консолидирани и ажурирани верзии на сета легислатива (примарна и секундарна) која има допирни точки со животната средина/природата, со посебен акцент на легислативата од области кои може да имаат негативни ефекти врз животната средина/природата. Рок: март 2020 г.

7. Да се воведе едукација за одржлив развој со акцент на глобално затоплување/климатски промени во сите степени на образование. Рок: веднаш/крај на 2020 г.

8. Да се инсталираат и соодветно да се одржуваат фотоволтаични системи на сите објекти во сопственост на државата/општините/Град Скопје. Рок: веднаш/2025 г.

9. Да се постават и соодветно да се одржуваат енергетски-ефикасни фасади на сите објекти во сопственост на државата/општините/Град Скопје. Рок: веднаш/2025 г.

10. Да им се наметне обврска да постават фотоволтаични системи и енергетски-ефикасни фасади на сите индустриски капацитети во земјата. Рок: декември 2019 г.

11. Да им се наметне обврска на проектантските и градежните компании да проектираат/градат градби исклучиво со енергетски ефикасни-фасади и фотоволтаични системи. Рок: декември 2019 г.

Маршот е граѓански, мирен, натпартиски, мултикултурен. Се оградуваме од секакви политички влијанија, секој е добредојден, но без партиски обележја. Оваa заедничка платформа е само почеток и е производ на сите облици на граѓански активизам од годините наназад, поединечен или организиран, сплотен со младешката енергија на оние за кои ова го бараме, за нашата иднина!

Здружени граѓански организации и иницијативи: Fridays For Future Skopje, O2 Иницијатива, Не Биди Ѓубре, Скопје Смог Аларм, Мој Воздух, Движење за чист воздух, Го Сакам Водно, Билка, Levizja Nena dhe Femija / Движење Мајкa и Дете, Битола сака чист воздух, Eco Guerilla, Група граѓани од Визбегово, Скопје бара чист воздух, Здрава Котлина, Еко Долина, Младите од Иловица и Штука, Е.Д.Е.Н., Охрид SOS, Struganët për Strugën / Стружани за Струга, Шепасти ентузијасти, Дејзи Фемили

Иницијативи кои ги поддржуваат барањата, но не и бојкотот на избори и граѓанска непослушност: ЕкоКарпош 3,2,1, Ние сме Карпош 4, Плоштад Слобода, Здравје пред профит во Центар, Shoqata ekologjike GvEko / Еколошко здружение ГвЕко / Ekoloji dernegi GvEko, Анима Мунди, Young Friends of the Earth Macedonia, Екоскоп

МАКЕДОНИЈА И НЕЈЗИНАТА БЕЗЖИВОТНА СРЕДИНА

Економската комисија за Европа во рамки на Обединетите Нации го објави третиот извештај за напредок на Македонија во област животна средина. Напредокот во управувањето со животната средина на Македонија е оценет како недоволен, нема усвоено доволно ефективни закони, тие кои се усвоени не се спроведуваат и нема механизми за санкционирање на прекршувањата. Земјата нема национална стратегија за постигнување на Целите за одржлив развој. Јавноста е речиси целосно исклучена од процесите на носење одлуки.

Сумирањето на извештајот на македонски јазик е достапно тука.