Граѓански буџетски форум „Моја заедница. Моја визија.“
Граѓанскиот буџетски форум се одржа на 16 септември, во Градскиот парк во Скопје. Беше организиран во соработка со Драгана Велковска, активистка за заштита на животни и животна средина и членка на Советот на Град Скопје. Модератор на форумот беше професорот по економија, Бранимир Јовановиќ.
На форумот присуствуваа претставници на 13 организации и активистички групи кои долги години се општествено ангажирани, голем дел од нив волонтерски, имаат докажани резултати и дале огромен придонес за унапредување на сферите во кои делуваат. Покрај нив, за предлозите дискутираа и гласаа граѓани на Скопје, со што одлуките донесени на форумот добија несоборлив демократски легитимитет.
Сетот предлози „За зелен и хуман град“ ја сочинува основата на визијата за зелено и хумано Скопје – градска народна кујна за социјално ранливи категории на граѓани; стратегии за оптимизирање на квалитетот на живот на децата, лицата со хендикеп и Ромите; ресурсен центар за самохрани родители и деца од еднородителски семејства; соодветна помош за културните работници; зголемување на процентот на квалитетна велоинфраструктура и мерки за поттикнување безбедни алтернативни форми на транспорт; вклучување на неформалните постапувачи со отпад во системот и поттикнување селекција на отпад во станбените згради; градски компостари за редуцирање на најмалку 70% од вкупниот отпад; поставување фотоволтаични системи и градска мрежа од мониторинг станици за загадувањето на воздухот, особено на објектите под надлежност на Град Скопје со цел произведување на чиста електрична енергија и прецизно лоцирање на загадувачите; мерки за унапредување на благосостојбата на бездомните животни; зголемување на процентот на (креативно) зеленило во градот.
Изготвувачи на предлозите се организации и групи зад кои стојат илјадници членови и поддржувачи. Содржината на предлозите ја одобрија присутните скопјани, кои на форумот ги изнесоа решенијата што низ процес на внимателни анализи и консултација со најразлични групи од своите сограѓани, ги утврдиле како приоритети.
Драгана Велковска предлозите ќе ги поднесе официјално преку архивата на Град Скопје до градоначалникот и градското раководство и ќе инсистира истите да бидат инкорпорирани во предлог-буџетот на Град Скопје за 2021 година кој на крајот на 2020 г. ќе го глаасаат советниците.