Честит 1 Mај: Исповед на работничка во кланица
Во Велика Британија секој месец се убиваат околу 100 милиони животни за месо – но, многу малку се зборува за луѓето кои убиваат. Една поранешна работничка во кланица ја опишува својата работа и последиците од таа работа врз нејзиното ментално здравје.
Предупредување: Овој напис може да вознемири дел од читателите.
Како дете сонував дека еден ден ќе станам ветеринар. Замислував како си играм со палави кутриња, како смирувам исплашени мачиња и бидејќи бев дете од село – како ги лекувам локалните фармски животни.
Во мојата фантазија тоа беше прилично идиличен живот – но моите планови беа едно, а тоа што се случи во реалноста нешто сосема друго. Станав ветеринар, но, завршив во кланица.
На тоа работно место останав шест години и не само што не лекував болни крави – туку бев задолжена да контролирам дека на дневно ниво сигурно ќе се убијат околу 250.
Без разлика дали јадат месо или не, повеќето жители на Велика Британија никогаш не стапнале во кланица – и тоа со добра причина. Кланиците се гнасни, валкани места. Има животински фекалии на подот, ги гледате и ги мирисате истурените црева, а ѕидовите се покриени со крв.
Таа реа… само што ќе влезете како во ѕид удирате во неа и во текот на целото работно време ве гуши како густа, тестеста магла. Реата на смртта е насекаде околу вас и ве притиска од сите страни.
Зошто некој би сакал да посети, а камоли да работи на место како ова?
Во мојот случај причината беше што јас веќе неколку децении работев во прехранбената индустрија – во фабрики за преработка на секаков тип на храна. Па така, кога добив понуда да бидам менаџер за контрола на квалитет и да работам директно со касапите во кланица, не ни помислив дека може нешто вакво да ме чека. Бев во своите четириесетти.
На мојот прв работен ден ме одведоа на обиколка во кланицата, ми објаснија како функционира сè, и што е најважно, постојано и релативно загрижено ме прашуваа дали ми е добро. Ми објаснија дека е вообичаено луѓе да се онесвестуваат за време на оваа обиколка, а физичката безбедност на посетителите и почетниците им била многу важна. Ми беше добро, барем така си мислев. Ми се повраќаше, но мислев дека ќе се навикнам.
Сепак, наскоро сфатив дека нема поента да се преправам дека е ова обична работа како и секоја друга. Сигурна сум дека не се сите кланици исти, но таа каде што јас работев беше брутално и опасно место за работа. Имаше безброј инциденти – и покрај тоа што доследно се спроведуваа сите процедури за зашеметување, кравите како што се грчеа од шокот ќе клоцнеа некој од касапите – беа тоа страшни удари, како што може да си замислите дека човек може да добие од толку големо и тешко животно. Исто така, кравите што ги внесуваа за колење се плашеа и панично реагираа, што беше прилично застрашувачки за сите нас. Ако некогаш во животот сте виделе крава со свои очи, знаете колку огромно животно е и колку сериозно може да ве повреди.
Јас лично не бев никогаш повредена физички, но, бев во постојан грч, под постојан стрес.
Како што ги минував деновите затворена во таа огромна кутија без ниеден прозорец, чувствував сè поголема тежина во градите и ми стануваше сѐ полошо. Навечер имав страшни кошмари и одново ги преживував ужасите на кои бев сведок во текот на денот.
Најважната вештина што човек мора да ја совлада ако работи во кланица е дисоцијацијата. Едноставно се терав да ги игнорирам смртта и страдањето. Се обидував да не ги гледам кравите како цели суштества, во умот ги раздвојував на делови, на прехранбени производи спакувани во поединечни најлони. Тоа не само што ја олеснува работата – туку е и задолжително ако се сака да се остане колку-толку нормален.
Сепак, човек колку и да се обидува да се заштити, постојат нешта кои ја пробиваат секоја бариера. За мене тоа беа главите.
На крајот од лентата за колење имаше огромен простор што беше исполнет со стотици глави од крави. На секоја од нив ѝ беше извадено целото месо што можеше да се продаде. Но, не беше извадено баш сè – беа останати очите.
Секогаш кога поминував од таму се чувствував како стотици очи да се вперени во мене. Некои од погледите беа обвинувачки, знаеја дека и јас учествував во нивната смрт. Други, пак, молежливи, како да имаше уште некој начин да се вратам назад во времето и да ги спасам. Во исто време беше одвратно, застрашувачко и неописливо тажно. Ме тераше да се чувствувам виновно. Првиот пат кога ги видов тие глави, едвај се воздржав да не повратам.
Знам дека ваквите работи им пречеа и на другите работници. Никогаш нема да го заборавам денот, веќе неколку месеци работев таму и еден од работниците распра штотуку убиена крава за да ѝ ги извади цревата – од нејзината внатрешност испадна фетус на теле. Кравата беше бремена. Работникот веднаш почна да вика и да мавта со рацете.
Го однесов во просторијата за состаноци за да го смирам – а тој упорно ми повторуваше само една реченица: „Ова не е нормално, ова не е нормално!“. Ова беа сурови луѓе и ретко покажуваа каква било емоција. Сепак, очите му беа насолзени.
Уште полошо од бремените крави беше кога понекогаш моравме да убиваме млади телиња.
Во екот на кризата со кравјото лудило и говедската туберкулоза во деведесеттите години, мораше да се колат цели стада животни. Јас работев во кланицата по 2010 година, многу после кризата со кравјото лудило, но ако некое од животните на тест покажеше позитивен резултат за туберкулоза или кравјо лудило, сепак носеа цели стада на колење – бикови, јуници и телиња. Се сеќавам многу добро на еден ден, кога веќе една година работев таму и истовремено моравме да убиеме пет телиња.
Се обидовме да ги задржиме внатре во боксовите, но беа толку мали и ковчести што лесно излегуваа надвор и си трчкаа, малку несигурни на нозете, сепак, беа тукушто родени. Нè душкаа како кутриња зашто беа млади и љубопитни. Јас и дел од другите работници ги галевме, а тие ни ги цицаа прстите.
Кога дојде време да ги убиеме, беше тешко, и емоционално и физички. Кланиците се наменети за колење на навистина големи животни, така што боксовите за зашеметување обично се со соодветна големина за да држат крава што тежи околу еден тон. Кога го ставивме првото теле, дојде некаде до една четвртина од боксот. Ги ставивме сите пет телиња одеднаш. Потоа ги убивме.
Касапите беа видно вознемирени кога телињата паднаа мртви на подот.
Ретко ги гледав толку ранливи. Во кланицата чувствата постојано се потиснуваа. Никој не кажуваше како му е; преовладуваше некое непишано правило дека не смее да се покаже слабост. Згора на тоа, имаше многу работници кои не можеа да кажат како им е, дури и да сакаа. Многумина од работниците беа мигранти, претежно од Источна Европа, англискиот не им беше доволно добар за да побараат помош дури и кога им беше многу тешко.
Голем дел од работниците со кои работев истовремено работеа и на други места – ќе ги завршеа своите 10 или 11 часа во кланицата, па ќе заминеа на второто работно место. Исцрпеноста често си го правеше своето. Некои почнуваа да пијат, честопати кога доаѓаа на работа смрдеа на алкохол. Други стануваа зависни од енергетски пијалаци и имавме случаи на срцев удар. Ги отстранија енергетските пијалаци од автоматите, но луѓето продолжија да си ги носат од дома и да ги пијат скришно во своите автомобили.
Постојат научни студии за врската меѓу работа во кланица и мноштво проблеми со менталното здравје. Еден истражувач го користи терминот „Трауматски синдром предизвикан од сторителот“ кога зборува за синдромот на посттрауматски стрес од кој страдаат работниците во кланиците. Јас лично страдав од депресија, а состојбата уште повеќе ми се влошуваше поради долгите часови непрекината и напорна работа и поради фактот што бев опкружена со смрт. По некое време почнав да добивам самоубиствени нагони.
Не е докажано дали работата во кланица ги предизвикува ваквите проблеми или овој тип на работа привлекува луѓе со веќе постоечки такви состојби. Во секој случај, ова е работа каде што човек се чувствува крајно осамен и тешко ќе се реши да побара помош. Кога ќе им кажев на луѓе што работам или ќе ми возвратеа со апсолутно гадење или со љубопитство и фасцинација што се граничеше со подбив. Како и да е, не можев да им се отворам на луѓе за последиците што ми ги предизвикуваше работата. Понекогаш и јас се подбивав заедно со другите, па им раскажував гадни приказни за тоа како сме дереле крава или како сум ѝ ги држела истурените црева. Сепак, најчесто едноставно не зборував за работата.
Имаше неколку години како работев во кланицата и еден колега почна како на шега да кажува дека „за шест месеци повеќе нема да биде тука“. Сите му се смееја. Таков беше човекот, никој не го сфаќаше сериозно, па си мислеа дека на тој начин им кажува дека за шест месеци ќе си најде нова работа. Мене ме мачеа неговите коментари. Го викнав во една од помошните простории и го прашав што му значи тоа што го повторува. Човекот се расплака. Ми призна дека има самоубиствени мисли, дека не може повеќе да ја поднесе работата и дека му е потребна помош – но ме молеше да не им кажувам на шефовите.
Му помогнав да почне да се лекува – и во тој процес сфатив дека и мене ми треба помош. Чувствував дека сите ужасни работи на кои бев сведок ми го поматуваа разумот и поради тоа паднав во длабока депресија. Ми се чинеше како голем залак, но морав да излезам од таму.
Откако ја напуштив работата во кланицата, ми стана значително подобро. Целосно се сменив и започнав да работам со добротворни организации за заштита на менталното здравје, ги охрабрував луѓето да се отворат за своите чувства и да побараат стручна помош – дури и ако не мислат дека им треба, дури и ако се чувствуваат како да не го заслужуваат тоа.
Неколку месеци по заминувањето, се слушнав со еден од моите поранешни колеги. Ми рече дека еден наш колега, чијашто задача беше да ги дере труповите, се самоубил.
Понекогаш се сеќавам на деновите што ги поминав во кланицата. Се сеќавам на моите поранешни колеги како се бореа со работата, делуваа како да преминуваат огромен океан, а никаде на повидок немаше копно. Се сеќавам на колегите кои не преживеаја.
И навечер кога ги затворам очите во обид да заспијам понекогаш гледам стотици пара очи вперени во мене.
Како што ѝ се исповедаа на Ашита Нагеш
Преведено од статијата Confessions of a slaughterhouse worker објавена на БиБиСи.