Новиот пакет закони за отпад целосно во корист на крупниот капитал
Со новиот пакет закони за отпад се предвидени прениски глоби целосно во корист на крупниот капитал, не се осмислени ефективни механизми за контрола на спроведувањето на легислативата и исполнување на целите, едукацијата не е стратешки инкорпорирана, не е предвидено основање на Зелен фонд, нема никакви мерки за редуцирање на отпадот ниту за централизирано компостирање, нема јасна стратегија за исфрлање на кесите и воведување платнени торби како единствена еколошка опција, ниту има мерки за елиминација на прибор за една употреба во подрачја со висок биодиверзитет.
Граѓанската иницијатива Охрид ЅОЅ и Здружението за заштита на животните и животната средина Е.Д.Е.Н. поднесоа свои коментари на пакетот од шест предлог-закони за отпад до Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) на 25 декември 2019 г.
Нашиот генерален заклучок е дека процесот на консултација со јавноста не беше соодветно спроведен и беше во спротивност со член 17 од Законот за животната средина. На веб-страницата на МЖСПП имаше вкупно три објави за процесот за консултации, меѓутоа во ниедна од трите објави не беше спомнат основниот закон, Законот за управување со отпад. Во меѓувреме, пристапот до страницата ЕНЕР каде што единствено постоеше текстот на овој закон беше оневозможен поради наводна надградба, и тоа најмалку во периодот 20-23 декември 2019 г., а крајниот рок за поднесување на коментарите кон пакетот закони за отпад беше 25 декември 2019 г. Несоодветно информирање на јавноста за процесот на консултации е практика што веќе со децении се провлекува во РМ. Од една страна на јавноста ѝ беше оневозможен пристап до клучните документи (предлог-законите), а од друга страна немаше испратено соодветни покани до граѓанскиот сектор за да се вклучи во процесот.
Предлог-законите се усогласени со дел од европските директиви, но, не успеваат да одговорат соодветно на клучни прашања како на пример – нема експлицитна забрана за увоз на отпад за секакви намени (дури и како суровина во производствени процеси); глобите се прениски, па дури и поттикнуваат прекршување на законот; нема никаква експлицитна и целосна забрана за употреба на кеси воопшто и нема решеност за целосно преминување на единствената вистински еколошка алтернатива – платнени торби. Во предлог-законите никаде не се спомнува основање Зелен фонд со што, за почеток, би се спречило ненаменско трошење на средствата кои се собираат по основ животна средина, иако овој фонд е суштествена потреба.
Понатаму, доколку не се дополнат инспекциските капацитети со квалитетен персонал и не се унапреди ефикасноста, во постоечките услови механизамот на контрола врз спроведувањето на овие закони е ставен под сомнение. Во Општина Охрид, на пример, има еден државен инспектор и еден овластен инспектор на општината за животна средина кои до сега се покажале недостојни за вршење на функцијата и тоа кога се работи за случаи во строго заштитени зони и воопшто УНЕСКО подрачјето. Состојбата во Општина Струга е уште полоша. Во актуелниот законски текст не се видливи конкретни мерки предвидени да се преземат во однос на воспоставување на ефикасна инспекциска контрола, најмалку во регионите со висок биодиверзитет, како што е Охридскиот Регион.
Евиденцијата на производителите, операторите, собирачите на отпад итн., како и базата на податоци за отпад, неопходно е да се поврзани во интегрален електронски систем. На тој начин ќе се минимизираат грешки и/или манипулации, ќе се обезбедат ефикасност на процесот и ажурирани податоци.
Оценуваме дека со Законот за управување со отпад не се осврнува на компостирањето како начин на обработка на органскиот отпад, нема подетална разработка на овој сегмент, туку само се спомнува дека со законот треба да воспостави рамка за негово поттикнување и регулација и да се вклучи во националните цели.
Предлагаме воведување на стандардизирани кеси за комунален отпад како што е практиката во земји со развиен ситем на управување со отпад, кои ќе бидат унифицирани, изработени исклучиво од европски стандардизиран биоразградлив материјал, лесно достапни низ трговската мрежа и обврзувачки за сите создавачи на комунален отпад. За истите да се плаќа соодветен надомест, но не и ДДВ. Цената да биде избрана соодветно на целта, да биде охрабрувач за што поголемо селектирање на отпадот (кое е бесплатно) и намалување на комуналниот отпад, но, да не биде премногу висока за да претставува економски товар (особено за домаќинствата) и да оневозможи спроведување на законите и целите.
Со оглед дека со предложените закони за отпад се регулира исклучително деликатна проблематика, а со цел да се осигури соодветна имплементација, неопходно е со нив да се утврди воспоставување систем за редовни и делотворни консултации и обуки на сите засегнати страни, да се отвори наменска телефонска линија, контроли кај економските оператори и колективните постапувачи, особено во првите неколку години од воведувањето на регулативата согласно со поставените национални цели. Во овој контекст, Законот сосема штуро се осврнува на едукацијата и практично не ја регулира. Таа е препуштена на Меѓуопштинскиот одбор (Член 24) преку Регионалниот план за управување со отпад, правните и лица и трговец поединец (Член 26) и на инспекторите за животна средина (Член 119) само во случај на направен прекршок (за прв пат). Ова значи дека едукацијата не е централно осмислена, унифицирана, координирана ниту содржински определена, туку ќе биде препуштена на општините. Сметаме дека ваквиот површен пристап кон едукацијата за закони кои носат коренити промени во пристапот кон управувањето со отпад во Македонија е недопустлив. Едукацијата мора да биде регулирана од највисоко ниво. Истовремено, неопходно е да се предвидат соодветни индикатори со кои ќе се мерат вистински постигнати резултати (број на прекршувања на законот), наместо формални (организирани обуки). Овие закони може да наидат на отпор и негативна реакција во првичниот период од имплементацијата што се должи и на недоволно познавање на спрегите на загрозување на животната средина, квалитетот на живот и иднината на луѓето и Планетата воопшто. Едукацијата е клучна не само за запознавање со проблематиката туку и за подигање на свеста што треба се направи на сите нивоа, почнувајќи од институциите, па сè до граѓаните.
Глобите во сите закони од пакетот се прениски. Особено за големите претпријатија (крупниот капитал). Нејасна е логиката на мерката што ја предложил предлагачот на законските решенија. Неопходно е сериозно зголемување на казните зашто сѐ додека на трговецот повеќе му се исплати да плати една или две казни во годината, а да работи противзаконски, тој ќе работи противзаконски на штета на јавниот интерес, а поради хронично несоодветниот инспекциски надзор – нема да биде никако санкциониран. Во истиот контекст, сите одредби во законот кои се однесуваат на дозволен увоз на отпад кој ќе се употреби како алтернативно гориво или суровина не може да бидат дел од законот кога дел од истиот закон е очигледна наклонетост кон крупниот капитал и култура на неказнивост за груби престапи со кои се загрозуваат животот и здравјето на луѓето и животната средина.
Се добива впечаток дека замената на пластичните кеси со биоразградливи е цел сама за себе. Со Законот никако не се регулира намалувањето на отпад од пакување од биоразградлива пластика. Биоразградливата пластика не е апсолутно безопасна за животната средина. Биоразградливата пластика EN13432 според категоризацијата на Европската Унија е целосно биоразградлива за даден временски период само под строго дефинирани услови на влага и топлина. Доколку таа не се третира во соодветни капацитети за обработка на отпад туку се остави на нормални атмосферски услови (во природа и вода), при процесот на разградување, таа е извор на опасен стакленички гас – метан и директен загадувач на животната средина.
Покрај националните цели за процентот на обработка на собраниот отпад од пакување, потребно е да се воведат и цели за намалување на секаков вид пластика. Иако оксо-пластиката се спомнува во Член 13, став 4, каде што стои дека „Во смисла на оваа точка, оксо-разградливото пластично пакување не се смета за биоразградливо“, во законот никако не се третира.
Со Законот не се адресира проблемот на пластичните пакувања за еднократна употреба (чинии, чаши, прибор за јадење, цевки, лажички за кафе итн.). Неоходно е да се постават цели за исфрлање на истите од употреба, период на адаптација до конечна и целосна забрана за нивно производство и продажба на територијата на Македонија. Потребно е воведување на строги казни за угостителските објекти кои ќе користат прибор и чаши за еднократна употреба во заштитените подрачја, а највисоки глоби да се изрекуваат за оние во крајбрежниот појас, НП Галичица, Старото градско јадро, на пловните објекти. Ваквиот тип на прибор не е неопходен, односно за него веќе постои конвенционална замена, а истиот преставува исклучително голем загадувач. Дополнително, со законот треба да се дефинираат услови за намалување на пакувањето и приборот за еднократна употреба воопшто со цел да не се постигне непосакуван ефект, односно да се поттикнат потрошувачката, производство и дистрибуција на истите од еколошки прифатливи материјали.
Пловните објекти не се суштински опфатени со овој закон. Не само што не се предвидени никакви решенија за отпадот кој се создава од нив со посебен осврт на приборот за еднократна употреба, за погонот на кој функционираат, за критериумите за увоз, туку нема решенија ни за правилно одлагање на старите пловни објекти што често предизвикуваат хаварии и тешки последици по екосистемот на водите.
Во Законот нема одредби со кои ќе се поттикне замена на материјалите за изработка на пакувањето со што поголема тенденција за создавање или внес на пакување од рециклирани материјали со деприоритизација на пластиката и/или создавање или внес на пакување изработени од отпад, биомаса, како и современи видови на материјали кои не се штетни за животната средина итн.; онаму каде што е можно, замена на пакувањата од пластика и други деривати на нафтата со други материјали, пожелно рециклирани (на пр. пластични шаблони за јајца да се заменат со такви од рециклирана хартија, цевката за пиење од пластика со метална итн.) Потребно е посебна глава од законот да се посвети на ова прашање. Интегрална верзија од нашите коментари на пакетот-закони за отпад поднесени до МЖСПП ќе најдете на следнава
Здружението за заштита на животните и животната средина Е.Д.Е.Н. и Граѓанската иницијатива Охрид ЅОЅ поднесоа свои коментари на пакетот од шест предлог-закони за отпад до Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) на 25 декември 2019 г. Интегрална верзија од нашите коментари на пакетот-закони за отпад поднесени до МЖСПП ќе најдете на следнава врска.