Протест против нехуманиот третман на бездомните животни 9.04.2017

Протест против нехуманиот третман на бездомните животни 9.04.2017

#ПравдаЗаЖивотните #КазнаЗаУбијците

Тепани, експлоатирани, измачувани, силувани, сакатени, најсвирепо убивани. Мислите дека зборуваме за животни, нели? Не, зборуваме за луѓе. Во истиот овој момент стотици илјади, ако не и милиони, луѓе од целиот свет се тепани, експлоатирани, измачувани, силувани, сакатени, најсвирепо убивани. А истото го преживуваат и животни, само што нивниот број не е во стотици илјади, туку во милиони и милијарди. Едноставно не постои разлика меѓу тоа што луѓето им го прават на животните и меѓу тоа што луѓето си го прават едни на други. Нашиот однос кон животните е само одраз на нашиот однос кон другите луѓе. Во дебати со неистомисленици на темата често слушаме дека „прво треба да се средат меѓучовечките односи“. Тоа е бесмислица зашто не првото туку ЕДИНСТВЕНОТО нешто што треба да се среди е нашиот морален компас! Па многумина од нас само смртниот страв од живот поминат во ќелија 2 на 2 со човеколики ѕвер кого еволуцијата го прескокнала ги држи на „правата“ страна. За некои од нас ни тоа не е доволен поттик. Некои од нас СЕ тој човеколики ѕвер. Само чудовиште е способно да предизвика такво пеколно страдање на друго свесно живо суштество! На отруените животни им се распаѓаат внатрешните органи додека се уште свесни и живи. Крв им шика од секој отвор од телото. И имаме сограѓани кои сметаат дека тоа е во ред, во 21 век кога камената доба е далеку зад нас. И после се чудиме зошто војни и зошто хаос во светот.

Движењето за права на животните е најголемото движење за социјална правда од декларативното укинување на ропството. Велиме декларативно зашто дури и денес близу 46 милиони луѓе во светот сè уште живеат во современо ропство. Питагора рекол додека се убиваат животни ќе се убиваат и луѓе. Тажното е што два и пол милениума подоцна ние уште ги повторуваме истите древни мудрости, наместо да создаваме свои. За два милениума бактерии имаат повеќе еволуирано од човечкиот вид. А еволуцијата на човековата свест бара едукација, бара позитивни примери кои ќе може да се следат. Затоа, апелираме, едуцирајте во секоја можна прилика, реагирајте во секоја можна прилика! Да бидеме искрени пред самите себе – општеството во кое живееме е општество во чиешто градење и самите учествуваме. Секојпат кога ја префрламе одговорноста на некој друг, секојпат кога сме презафатени за да однесеме повредено животно на ветеринар, секојпат кога премногу брзаме и не му помагаме на стар човек да ги качи скалите, секојпат кога ја вртиме главата на друга страна и не пријавуваме злоупотреба на животно зашто „има кој да го направи тоа“ – ние ја градиме колективната култура во нашето општество. А секогаш можеме повеќе! Секогаш може да се каже нешто повеќе, секогаш може да се направи нешто повеќе. Еден не може сè, ама секој од нас може по нешто.

Никогаш не дозволувајте да бидете сведок на неправда без да мрднете со прст! На нас активистите ни се темни кога ќе чуеме „Леле, видете што се случува, некој нека направи нешто!“.

ТИ СИ НЕКОЈ, НАПРАВИ НЕШТО!