Скопје ВегеПикник 2015/Skopje VeggiePicnic 2015

Скопје ВегеПикник 2015/Skopje VeggiePicnic 2015

На 27 септември (недела) во времетраење 12-18 ч. на Градската плажа „Парк“ се одржа првиот пикник на веганска храна во Македонија – Скопје ВегеПикник, под мотото „Смени ја исхраната, смени го светот“!

Сè повеќе луѓе се ориентираат кон вегански начин на исхрана (и живот) не само од здравствени, туку и од етички причини, но и поради заштита на животната средина.

Веганскиот начин на живот не значи само поголема виталност, зајакнување на имунитетот и подобрување на општата здравствена состојба – ваквиот начин на живот значи и елиминирање на насилството кон животните (и луѓето), ублажување на огромните разлики во животниот стандард меѓу луѓето (што директно придонесува за решавање на проблемот со светската глад), како и создавање еколошка култура и значително намалување на антропогениот притисок врз животната средина.

Веганската храна често е нарекувана бесвкусна, еднолична, „трева со вегета“, итн. Оние што дојдоа на Вегепикникот се уверија во спротивното. Не можеа да се одлучат кој е повкусен од многубројните креативни специјалитети што скопските угостители и блогови за храна ги приготвија специјално за нив. Освен што по неколкупати се враќаа да си докупат, си земаа и за дома 🙂

NB: Ова прво издание на Скопје ВегеПикник беше посветено на Светскиот ден на здрава животна средина (26 септември) чиешто овогодинешно мото беше „Децата се нашата иднина – да ги заштитиме нивната животна средина и нивното здравје“.