Консултативни средби во Охрид, Преспа, Струга

Консултативни средби во Охрид, Преспа, Струга

Здружението за заштита на животните и животната средина Е.Д.Е.Н. од Скопје во периодот 24-27 март 2017 г. во Охрид реализираше серија консултативни средби со сите засегнати чинители од охридскиот, струшкиот и преспанскиот регион. Средбите беа финансиски поддржани преку Global Green Grants Fund и преку ИПА2 Механизмот за граѓански организации, спроведуван од ЕВРОТИНК, Еко-свест, Реактор и Зенит.

Се сретнавме со претставници на граѓанскиот сектор, со граѓани и со институции. Целта на средбите беше да се утврдат мислењата и ставовите на сите засегнати чинители, како и пречките и предизвиците со кои тие се соочуваат во своите секојдневија и да се формираат акциски групи кои координирано ќе работат во регионот.

На консултативната средба со граѓански организации присутни беа организации од Охрид и од Струга. Се истакна огромниот проблем кој Охрид и Струга го имаат со отпадот – несовесно фрлање отпад од граѓаните и потфрлање во неговото чистење од страна на ЈП Охридски Комуналец, како и проблемот со дивите депонии кои ја загадуваат животната средина. Се посочи и опасноста од загадување на водата за пиење од дивите депонии. Граѓанските организации како проблем го посочија и непостоечкиот План за управување со крајбрежјето како и недоволна комуникација помеѓу граѓанските организации во регионот. Сите присутни беа согласни дека е итно потребна еколошка едукација во училиштата, но и за општата јавност.

Консултативната средба со граѓани во Охрид на наше изненадување беше најслабо посетена што укажува на немање интерес кај локалното население за учество во носењето одлуки од значење за квалитетот на живот. Сепак присутните ги посочија отпадот и брзото непланско градење на нови објекти на сметка на комплетно уништување на зелените површини како причина за уништување на природата и загадување на водата и воздухот во Охрид. Бидејќи на средбата со граѓаните имаше најмалку учесници, решивме ние да одиме кај нив и излеговме на шеталиштето каде што нашите активисти низ разговори со граѓаните ги информираа за важноста од нивното вклучување во процесот на носење одлуки што директно влијае врз нивниот квалитет на живот. Секако, првиот чекор беше да ја пополнат анкетата наменета за нив со цел да добиеме појасна слика за нивните желби, потреби и степен на информираност и вклученост во случувањата.

На консултативната средба со државни институции присутни беа претставници од општините Ресен, Охрид и Струга. Сите општини го посочија отпадот како огромен проблем на овој регион. За општина Ресен регионалното управување со отпадот е решение за справување со овој проблем. Од Општина Струга алармираа дека депониите го загадуваат и езерото. Од таму сметаат и дека не постои заинтересираност на локалните граѓански организации за соработка и решавање на суштински проблеми.

„Половина метар под површината на земјата е езерото. Каналот кај Калишта е веднаш до депонијата. Луѓе живеат над депонијата, тоа е и хуманитарна катастрофа, не само еколошка“ – рече преставникот од Општина Струга.

Сите претставници од институциите се согласија дека најголемиот проблем е неусогласеноста помеѓу законите и недоволната комуникација и координираност помеѓу институциите и граѓанскиот сектор.

Овие три консултативни средби ќе завршат со финален настан во април каде што ќе се презентираат резулатите и заклучоците од проектите.