Индустријата е најголемиот загадувач во Македонија
Индустријата е најголемиот загадувач во Македонија според извештај изработен за петнаесет држави од страна на петнаесет врховни ревизорски институции од Европа во соработка со Европскиот суд на ревизори.
Заедничкиот ревизорски извештај претставува сеопфатно резиме од 16 ревизии за квалитетот на воздухот. На мапата е прикажана индустријата како најголем загадувач во Македонија и е обележана со црвено, а како втор загадувач се домаќинства и комерцијални објекти. Ова се низата мерки што треба да ги спроведе нашата држава:
Со цел да се подобри координацијата на политиките за квалитет на воздух, ВРИ (Врховната ревизорска институција – Државниот завод за ревизија) на Македонија ѝ препорачува на владата:
* Да ги ажурира сите релевантни законски и подзаконски акти за да се постигне целосна хармонизација на националното законодавство со Директивата на ЕУ за квалитет на амбиентниот воздух
* Да воспостави целосен систем кој овозможува сеопфатна и непречена размена на податоци
* Да наметне санкции на централно и локално ниво за непочитување на политиките кои се однесуваат на квалитетот на воздухот и на граничните вредности на одредени загадувачи на воздухот
* Да обезбеди буџет за работа и одржување на сите мониторинг станици (за квалитет на воздух) и да предвиди буџет во планските документи
* Да ја подобри мрежата за следење на квалитетот на воздухот со соодветно преместување на станиците и континуирано сервисирање и одржување на мониторинг станиците, да формира централизиран систем за автоматизирано собирање и обработка на податоци, како и мерење во реално време и известување за квалитетот на воздухот
* Да обезбеди навремено доставување на комплетни податоци од стационарни извори на загадување со цел да се обезбедат сеопфатни информации за квалитетот на амбиентниот воздух
*ВРИ заклучи дека системот за управување со квалитетот на воздухот не е правилно организиран и координиран: „Беа формирани Интерсекторска работна група за квалитет на воздухот и Комисија за здравје и животна средина за да се подобри интерсекторската соработка, но координацијата помеѓу институциите е незадоволителна и не постои систем за следење на спроведувањето на секоја мерка“. ВРИ исто така изјави дека „инспекциите за животна средина се спроведуваат без никаква координација на централно и локално ниво“
* ВРИ заклучи дека „Република Македонија не подлежи на санкции на ниво на ЕУ поради непочитување на целите на политиките за квалитет на воздухот, ниту пак постојат национални или локални санкции. Бидејќи не постојат казни во плановите за заштита на квалитетот на амбиентниот воздух, процесот на имплементацијата е многу бавен. Ова претставува ризик за способноста на владата да ги постигне целите што ги постави да се реши проблемот со загадувањето на воздухот и да спречи нови извори на загадување на воздухот“
Наодите од националните ревизии покажуваат дека владите на Албанија, Косово, Македонија, Романија и Шпанија целосно не имплементирале ниту национална стратегија ниту национален план.
ВРИ во Албанија, Естонија, Грузија, Македонија, Молдавија, Полска, Романија и Словачка објавија дека нивните влади или немале индикатори за успешност или ги имале, но не постапиле по нив. Доколку индикаторите за успешност не се достапни, владите немаат никакви информации за ефективноста на нивната политика.
Во случајот со Македонија, каде што не е соодветно имплементирана владината политика за квалитет на воздухот на национално или локално ниво, ВРИ заклучува дека „мерките во Националниот план за заштита на амбиентниот воздух е комплексен и покрива различни области; тие треба да се спроведат од централни и локални институции. Не постои систем за следење на спроведувањето на секоја мерка. Националниот план не содржи показатели за мерење на ефективноста на спроведување на политиката што го отежнува следењето на мерките за постигнување на целите на владата и политиките за борба против загадувањето на воздухот. Поради недостиг на административен капацитет, и покрај фактот дека повеќето општини се лоцирани во зони и урбани агломерации каде што постои ризик од повеќе нивоа на загадувачки супстанции кои надминуваат еден или повеќе прагови на алармирање, само локалните власти во Тетово, Битола и Скопје подготвија краткорочни акциони планови за заштита на амбиентниот воздух. Во локалните планови не се поставени прецизни рокови за спроведување на секоја мерка, ниту укажуваат на потребното ниво на финансирање, изворите на средства, немаат индикатори за мерење на ефективноста и немаат утврдено тело кое е одговорно за следење и евалуација“.
ВРИ на Македонија го даде следниов пример: „Според Законот за управување со отпад, Министерството за внатрешни работи и Министерството за животната средина и просторно планирање и локалните градоначалници се должни да ги затворат и рекултивираат незаконските депонии. Во државата постојат 54 општински депонии кои ги загадуваат подземните води, почвата и воздухот и тие сè уште се функционални“.
ВРИ од Македонија објави дека буџетите за спроведување на политиките за подобрување на квалитетот на воздухот се несоодветни. Според податоците на Државниот завод за статистика за периодот на ревизија, инвестицијата за подобрување на квалитетот на воздухот од државниот буџет е мал и претставува само 0,1% од БДП. Од планираното финансирање за годишната работна програма на државниот систем за автоматски мониторинг, одобрени се само 31-42%, што е недоволно за мерењето на загадувањето да се одвива непречено, прецизно и ефикасно.
Како резултат на тоа, нема редовно одржување, не се купуваат резервни делови за мерните станици, не се набавуваат лабораториска опрема и хемиски реагенси, не се спроведува лабораториска акредитација ниту обука на персоналот. Фактот дека работната програма не е целосно финансирана ја поткопува континуираната работа на системот за мониторинг”.
Наодите од националните ревизии покажуваат дека системите за мониторинг во најмалку девет земји, односно Албанија, Бугарија Грузија, Израел, Косово, Македонија, Молдавија, Романија и Словачка, не генерираат целосни и / или веродостојни податоци.
ВРИ од Македонија информираше дека иако информациите биле достапни во реално време, податоците не биле комплетни. „Министерството за животна средина и просторно планирање воспостави и управува со информативен систем за квалитетот на воздухот, кој е поврзан со веб-порталот за квалитет на воздухот. Порталот обезбедува информирање на јавноста во реално време за моменталниот статус на амбиентниот воздух, како и информации за загадувачите, здравствени ефекти и легислатива. Иако базата на податоци за воздух содржи многу податоци, сепак не е завршена. Нема податоци за емисии од стационарни извори, нема податоци за квалитетот на амбиентниот воздух од одделни стационарни извори, нема податоци за емисии од мобилни извори и нема податоци од Катастарот на загадувачи на воздухот.
