Вовед во Охрид (Ohrid 101), Едукативни еко-тури
Во изминатите 2 месеци беа направени 4 еколошко образовни тури на кои учествуваа повеќе од 80 луѓе. Целта беше да се запознаат охриѓаните и стружаните со убавините кои ги нуди регионот, да се запознаат со еколошките предизвици поврзани со претераната урбанизација и масовниот туризам, и да откријат нови и одржливи начини за создавање фамилијарни бизниси поврзани со туризмот. На еко образовните тури учествуваа возрасни и средношколци од Струга и Охрид.
Се посети Студенчишко блато и учесниците можеа да се запознаат со историјата и важноста на блатото преку екосистемските функциите кои тоа ги остварува. Потоа беше посетено селото Речица каде што таканаречените „валјајци“ се место каде може да се видат единствените еко-машини за перење во вистинска смисла на зборот и беше посетен прекрасниот водопад во Куратица.
На крај, во дворот на нашиот локален водич уживавме во вегански специјалитети на домашната кујна. Воедно, се запознавме со два многу успешни примери на рурален туризам каде што локалното население, веќе неколку години мошне креативно ги инкорпорира природните благодети и обезбедува економска благосостојба за своето семејство. Доживеавме прекрасно осмислено уживање на автентичната македонска, локална култура и природата, но не за нејзина сметка, вистински пример за одржлив туризам. Нашите гости беа презадоволни и посакаа уште вакви излети
Едукативните-еко тури се дел од проектот „ Вовед во Охрид“ кој е финансиран од Фондацијата Heinrich-Böll-Stiftung Sarajevo
го спроведува Здружението за заштита на животни и животна средина „ЕДЕН“ локално поддржано од Граѓанската иницијатива Охрид SOS.